Руски дрон погоди станбена зграда во Херсон – пет минути пред најавеното велигденско примирје
Само пет минути пред да стапи на сила велигденскиот прекин на огнот што го најави Владимир Путин, руски дрон попладнево удри во станбена зграда во Херсон. Нападот се случил во 17:55 часот, соопшти началникот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
На својот Телеграм-канал, Јермак објави и видео од моментот на нападот, кој според него, уште еднаш го разобличува вистинското лице на руската „грижа за човечки животи“.
Информацијата ја потврди и Дарија Заривна, советничка на Јермак, исто така преку Телеграм, пренесе агенцијата Укринформ. Засега нема информации за евентуални жртви или повредени во нападот.
Инаку, рускиот претседател Владимир Путин неколку часа претходно најави еднострано велигденско примирје кое, според руската страна, треба да трае од 18:00 часот до полноќ во недела.
Овој инцидент уште еднаш го отвора прашањето за искреноста на руските намери кога станува збор за хуманитарни гестови и прекини на огнот во услови на војна.






