Владата на Република Македонија на денешната 38-ма седница донесе одлука за продолжување на рокот за искористување на средствата за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници до 31 март 2021 година.
Со ова продолжување на рокот за финансиска поддршка од 6.000 денари, околу 22.000 граѓани на кои им следува оваа финансиска поддршка, а кои не ги ажурираа своите податоци во банките, како и 2.132 граѓани на кои им се уважија приговорите, ќе можат да ја искористат оваа финансиска поддршка како една од КОВИД-19 мерките за ублажување на последиците од пандемијата.
Продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава. Идната година завршуваме со кракот до Битола, и до Тетово и Гостивар, а потоа продолжуваме со Гостивар – Кичево, Св. Николе – Велес, и делницата до Гевгелија и до ТЕЦ Неготино, и со заокружување на прстенот кон Охрид и Ресен до Битола.
Во 2021 година започнува втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини. Двете турски компании АКСА и ПАЛЕТ ИНСААТ се во втората фаза од натпреварот за стекнување на привилегијата за приватен партнер со проценета инвестиција од околу 300 милиони евра.
2021 ќе биде годината кога ќе започне изградбата на секундарната гасоводна мрежа во 10 македонски градови со што цевките за гас ќе стигнат до домаќинствата.
Заврши рокот за доставување понуди за огромниот проект Чебрен. После 11 години обиди на претходната власт кои пропаѓаа уште во фазата на распишување на тендерите, на нашиот јавен повик за пројавување интерес пристигнаа повеќе понуди од кои 10 се од џиновски компании од Европа и Кина. Сега продолжува следната фаза за проектот вреден меѓу 600 и 800 милиони евра и тоа само по себе ја покажува сериозната намера за успех.






