Мексиканското Министерство за здравство го потврди првиот случај на мијаза кај човек во земјата, пренесуваат локалните власти. Случајот е откриен кај 77-годишна жена од местото Акакојагва, во јужната држава Чијапас.
Според информациите, пациентката е во стабилна состојба и е под медицински надзор, со терапија базирана на антибиотици.
Мијазата е паразитска инфекција на кожата и мукозните ткива, предизвикана од ларви на муви од родот Diptera. Најчесто се јавува во тропски и суптропски предели. Инфекцијата се развива кога ларвите навлегуваат во отворени рани, каде што се хранат со живо ткиво, предизвикувајќи сериозни здравствени компликации доколку не се третира навреме.
Случајот предизвика зголемено внимание на здравствените служби во регионот, со фокус на рана детекција и спречување на потенцијално ширење на инфекцијата.






