Врховниот суд на САД ѝ нареди на администрацијата на Трамп да запре со депортации на Венецуелци осомничени за членство во банди
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави денес донесе одлука со која ѝ наложува на администрацијата на Доналд Трамп привремено да се воздржи од депортирање на наводни членови на венецуелски криминални банди, кои се моментално задржани во Тексас, пренесуваат американските медиуми.
Според NBC News, одлуката се однесува на примената на стариот „Закон за непријателски настроени странци“, преку кој администрацијата се обидуваше да изврши депортација на осомничени државјани на Венецуела. Врховниот суд не зазеде став дали да го прифати или одбие барањето на адвокатите на задржаните лица, но со оваа одлука фактички го паузираше целиот процес сè додека не донесе понатамошна наредба.
„На Владата ѝ се наложува да не презема никакви чекори за депортација на приведените лица, сè додека Судот не донесе поинаква одлука,“ стои во кратката судска наредба.
Оваа одлука претставува важен правен преседан кој го ограничува влијанието на федералната извршна власт врз имиграциските постапки во контекст на безбедносни сомнежи и отвора прашања за уставноста на примената на закони од 18. век во современи околности.







