Издадена е наредба за обдукција на телата на починатите, како и за испитување на евентуално присуство на алкохол и други супстанци кај повредените. Од местото на несреќата се подигнати траги кои ќе бидат предмет на вештачење
Извршен е увид на местото каде вчеравечер се случи сообраќајната несреќа на патот Кичево – Гостивар, во која загинаа три лица, а осум се повредени, информираат денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Оттаму велат дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кичево заедно со екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР) извршија увид на местото на сообраќајката.
„Со цел утврдување на причините за несреќата подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телата на починатите, како и за испитување на евентуално присуство на алкохол и други супстанци кај повредените“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Од МВР вчеравечер информираа дека во 20:55 часот се случила сообраќајна незгода на патот Кичево-Гостивар, помеѓу Кичево и селото Трапчин Дол, во која учествувале три возила.
Во сообраќајката три лица починале, а осум лица се повредени и дел од нив се пренесени во болницата во Кичево, а дел во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.






