На емотивен и солидарен фудбалски спектакл во Скопје, Црвена звезда го совлада Вардар со 3:1 во хуманитарен натпревар, чиј целосен приход ќе биде дониран на семејствата на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, во кој загинаа 61 лице, а беа повредени речиси 200, главно млади луѓе.
Натпреварот се одигра пред полни трибини и во силно емотивна атмосфера, бидејќи ова беше првото гостување на белградскиот клуб во Скопје по цели три децении.
Вардар прв дојде до водство со голот на Маневски во 27. минута, кој по прекрасна соло акција реагираше емотивно – го соблече дресот и покажа маица со името на Андреј Лазаров, млад фудбалер на Шкупи кој трагично го загуби животот во пожарот.
Црвена звезда, сепак, ја оправда улогата на фаворит. Со два брзи гола пред полувремето, преку Илиќ во 41. и капитенот Ктаи во 44. минута, направи пресврт. Конечните 3:1 ги постави Урош Сремчевиќ во 87. минута по прецизен удар од работ на шеснаесетникот.
Натпреварот беше повеќе од игра – беше симбол на солидарност, поддршка и човечка поврзаност во моменти на голема тага.






