Сè поголемо незадоволство во тимот на Трамп поради поддршката на ЕУ за Украина
Некои од најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп сè поотворено го изразуваат своето незадоволство поради постојаната поддршка што Европската унија ѝ ја дава на Украина, објави реномираниот британски магазин The Economist, повикувајќи се на дипломатски извори во Вашингтон.
Според изворите, дел од Трамповиот тим во приватни разговори признале дека се „заситени“ од европските напори за јакнење на украинската страна во конфликтот со Русија.
Ваквиот став доаѓа во време кога Белата куќа сè уште нема одобрено ниту еден нов пакет помош за Киев, што дополнително ја потврдува дистанцата на администрацијата на Трамп од украинската влада.
Во сличен контекст, Politico неодамна објави дека Трамп бил видно изнервиран од поддршката која Европската унија ѝ ја покажала на владата на Володимир Зеленски, особено по инцидентот што се случи во Овалната соба во февруари, за време на посетата на украинскиот претседател.
Британски дипломат за Politico изјавил дека луѓето од тимот на Трамп биле незадоволни од „театралноста“ и медиумскиот настап на Зеленски, особено откако тој одржал 72-минутен прес пред новинарите на лондонскиот аеродром, непосредно пред заминување за САД.
На 28 февруари, Зеленски се сретна со Трамп во Белата куќа. Средбата, на која присуствуваа и медиумите, заврши со жестока расправија, при што Трамп му забележал на Зеленски дека не ги почитува доволно Соединетите Американски Држави. Потпретседателот Џеј Ди Ванс, пак, истакнал дека украинскиот претседател заборавил да се заблагодари на Вашингтон за помошта што Украина ја добива од САД.






