Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за затворање на речиси 30 амбасади и конзулати ширум светот, како дел од пошироките планови за реорганизација на американското дипломатско присуство во странство. Ова се наведува во интерен документ на Стејт департментот, до кој дошол CNN.
Според документот, се препорачува затворање на вкупно 10 дипломатски мисии и 17 конзуларни претставништва, меѓу кои и два конзулата во Босна и Херцеговина – во Мостар и Бања Лука. Дополнително, предвидено е затворање на пет конзулати во Франција, два во Германија, како и по еден во Обединетото Кралство, Јужна Африка и Јужна Кореја.
Покрај тоа, во планот е предвидено и значително намалување на американското дипломатско присуство во Сомалија и Ирак – земји што долго време беа стратешки важни за американските операции против тероризмот.
Овие предлози доаѓаат во контекст на напорите за рационализација на владините трошоци, кои ги предводи Одделението за ефикасност на владеењето, под раководство на технолошкиот милијардер Илон Маск.
Сѐ уште не е јасно дали американскиот државен секретар Марко Рубио ќе ги одобри предлозите за затворање на дипломатските претставништва.







