Трговската војна меѓу двете најмоќни економии во светот забрзано добива на интензитет. САД објавија нов, драматичен чекор – потенцијална царина од дури 245% за кинескиот извоз, како реакција на, како што велат, „одмаздничките потези“ на Пекинг. Веста ја пренесе Анадолија, повикувајќи се на новообјавен документ и извршна наредба потпишана од претседателот Доналд Трамп.
Ова е досега највисоката предложена царинска стапка и е дел од поширока истрага за можните ризици по националната безбедност на САД, поради зависноста од увоз на преработени критични минерали и сродни производи.
На денешната прес-конференција, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, не даде конкретен одговор за тарифата од 245%, велејќи дека за такви бројки треба да се обратиме до американската страна. Ова го објави кинескиот „Глобал тајмс“.
Да потсетиме, Трамп претходно воведе униформна царина од 10% на увозот од сите земји, но дополнителните „реципрочни“ царини беа привремено замрзнати – со исклучок на Кина. Таа е единствената земја што засега се соочува со нов бран казнени мерки.
Американската администрација и претходно ги предупредуваше своите трговски партнери да не возвраќаат на воведените царини. Земјите што ќе се воздржат од одмазднички мерки, велат од Вашингтон, ќе имаат поповолна позиција во идните трговски преговори.






