Координирани напади врз затвори во Франција – се истражува можен терористички мотив
Францускиот министер за правда Џералд Дарманен потврди дека повеќе затвори низ земјата биле цел на координирани напади – со пријави за подметнати пожари и пукање со автоматско оружје. Нападите, според локалните медиуми, изгледа се внимателно координирани и се случуваат во период кога Франција се подготвува за воведување на нови мерки против организираниот криминал и трговијата со дрога.
Антитерористичкото обвинителство заедно со националната безбедносна агенција веќе отворија истрага, а според информации од Le Parisien, напаѓачите запалиле возила на паркинзите на неколку затвори. Во Тулон, на југот од земјата, е регистрирано и пукање со автоматско оружје врз затворска установа.
„Сведоци сме на обиди за заплашување на затворскиот персонал, од палење возила до директно пукање. Тоа нема да го толерираме“, порача Дарманен преку платформата X (поранешен Твитер). Тој ја предводи владината иницијатива за зголемување на безбедноста во и околу затворите, особено против криминалци кои продолжуваат да раководат со мрежи од зад решетки.
Овој сериозен инцидент се случува токму во момент кога пратениците се на чекор од усвојување нов закон насочен кон борба со нарко-картелите. Законот предвидува проширување на полициските овластувања и формирање ново обвинителство специјализирано за организиран криминал.
Франција се соочува со рекордно количество на увезен кокаин, претежно од Јужна Америка, што доведе до зголемување на насилството меѓу криминалните групи. Марсеј, традиционално жариште на нарко-картелите, веќе не е единствената точка на судири – трговијата со дрога се шири и кон помалите градови низ земјата.
„Овие кукавички и свирепи напади се насочени кон тие што го претставуваат авторитетот на државата – затворскиот персонал кој секојдневно ја чува безбедноста, често по цена на сопствениот мир“, стои во реакцијата на нивниот синдикат.






