Наришкин со остри предупредувања: Русија и Белорусија подготвени за превентивни мерки
Додека војната во Украина влегува во четвртата година, тензиите меѓу Русија и Западот дополнително се вжештуваат. Директорот на руската надворешна разузнавачка служба, Сергеј Наришкин, изјави дека безбедносните структури на Русија и Белорусија се подготвени за превентивно делување во случај на понатамошна ескалација на конфликтот.
„Гледаме дека Франција, Велика Британија и Германија активно го подгреваат конфликтот. Подготвени сме да реагираме превентивно“, рече Наришкин, пренесуваат ТАСС и РИА Новости.
Тој упати остро предупредување дека евентуален напад врз Русија или Белорусија ќе предизвика директен одговор кон целиот НАТО сојуз, со посебен фокус на Полска и балтичките држави. Според него, овие земји „ќе бидат првите што ќе ја почувствуваат цената на агресивната политика“.
Наришкин ги повтори позициите на Москва — демилитаризација и „денацификација“ на Украина, како и признавање на територијалната „реалност“, односно анексираните украински региони.
Тој ја обвини Киевската власт за продолжување на конфликтот со цел да го зачува режимот на Зеленски и да избегне одговорност за, како што рече, „криминалните одлуки“.
Во контекст на регионалната безбедност, Наришкин посочи дека милитаризацијата на границата со Русија и Белорусија, особено од страна на Полска, дополнително ја дестабилизира ситуацијата. И балтичките држави беа посочени како ризични фактори во очите на Москва.
Белорусија, лојален сојузник на Русија, останува тесно вклучена во воената операција, особено по одлуката да дозволи стационирање на руско нуклеарно оружје на своја територија – потег што наиде на остри реакции од Западот.







