Тефлонските садови ослободуваат милиони микропластични честички при готвење и миење.
Секојдневно се користат во кујна, но новото истражување открива дека нелепливите садови, особено оние обложени со тефлон, можат да испуштат милиони микропластични честички – дури и без видливо оштетување.
Австралиски научници од Универзитетот во Њукасл, предводени од д-р Ченг Фанг, утврдиле дека само една пукнатина на тефлонски сад може да ослободи околу 9.100 пластични честички. На микроскопско ниво, бројот е уште повпечатлив – дури 2,3 милиони микропластика и нанопластика може да се ослободат при користење оштетен сад.
Во студијата се тестирани шест различни видови нови и веќе користени тенџериња и тави, симулирајќи услови на готвење и миење, без додавање храна или масла. Во тестовите биле користени метални лажици, клешти за скара и дрвени лажици – вообичаени алатки во секое домаќинство. Истражувачите откриле дека честички се ослободуваат и од садови кои не покажуваат очигледни знаци на оштетување.
Тефлонот, синтетичка пластика составена од јаглерод и флуор, е познат по својата отпорност и ниско триење. Сепак, тој е дел од групата PFAS (пер- и полифлуороалкил супстанции), кои се нарекуваат и „вечни хемикалии“ поради тоа што речиси не се разградуваат – и во животната средина, и во човечкото тело. PFAS може да предизвикаат сериозни здравствени последици.
Овие хемикалии се присутни во илјадници производи од секојдневието – од облека и садови, до земјиште, воздух и вода. Луѓето најчесто доаѓаат во контакт со нив преку консумација на контаминирана храна и вода, користење производи што содржат PFAS или преку вдишување на загаден воздух.







