Јапонија со рекорден пад на населението – најниски бројки од 1950 година
Бројот на жители во Јапонија паднал на 123,8 милиони во октомври 2024 година, што е за 550.000 помалку во споредба со претходната година, покажуваат официјалните податоци објавени во понеделникот. Ова е 14-та година по ред со намалување на населението, што претставува најголем годишен пад досега откако Владата започна со споредливи мерења во 1950 година, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Ако се исклучи бројот на странци, падот е уште поизразен – населението со јапонско државјанство брои 120,3 милиони, што е намалување за 898.000 луѓе.
Јапонија се соочува со една од најниските стапки на наталитет во светот, што доведува до сериозни последици – намалена работна сила, ослабена потрошувачка и потешкотии за компаниите при вработување.
„Стапката на наталитет продолжува да опаѓа затоа што многу луѓе кои сакаат да имаат деца не можат да ги остварат своите желби“, изјави владиниот портпарол Јошимаса Хајаши.
Многу млади Јапонци го одложуваат бракот и раѓањето деца, делумно поради економската несигурност, но и поради промените во општествените вредности кои сè помалку го нагласуваат семејството и бракот како приоритет.
Иако Токио започна да се потпира на млади странски работници, имиграционата политика останува строга и дозволува нивен влез само на привремена основа. Владата, исто така, работи на зголемување на платите за младите и на подобрување на условите за воспитување деца.
„Ќе спроведеме сеопфатни мерки за да создадеме општество во кое сите кои сакаат да имаат деца ќе можат да го сторат тоа и да ги одгледуваат во мир и стабилност“, рече Хајаши.






