Грција купува 16 француски противбродски ракети „Ексосет“ во рамки на одбранбената соработка со Франција
Грција официјално потпиша договор за набавка на 16 противбродски ракети од типот „Ексосет“ од Франција, соопшти денеска грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас.
Според агенцијата Ројтерс, договорот е потпишан во Атина од страна на министерот Дендијас и неговиот француски колега Себастиен Лекорни. Детали за вредноста на договорот сѐ уште не се објавени.
Оваа аквизиција е дел од пошироката одбранбена стратегија на Атина, која започна во 2021 година со потпишување на безбедносен пакт со Париз. Во рамки на таа соработка, Грција веќе договори набавка на три француски фрегати и повеќе од 20 борбени авиони од типот „Рафал“.
Покрај тоа, Атина најави планови за купување и четврта фрегата, како и крстосувачки ракети од Франција, во рамки на долгорочниот план за модернизација на вооружените сили.
Според грчките власти, во наредната деценија ќе бидат издвоени 25 милијарди евра за таа намена, со цел подобрување на одбранбените капацитети на земјата.






