Таравари: Од 57 повредени во кочанската трагедија, само двајца се во критична состојба
Министерот за здравство, Арбен Таравари, соопшти дека од вкупно 57 пациенти повредени во трагедијата во Кочани, кои моментално се лекуваат во Скопје и во странство, само двајца се во критична состојба. Останатите пациенти се екстубирани, а дел од нив веќе се на рехабилитација.
„Една пациентка која двапати беше реанимирана денеска е на Одделението за пластична хирургија и нејзината состојба е значително подобрена. Почна да се движи и наскоро ќе продолжи со лекување дома“, изјави Таравари на денешната прес-конференција.
Министерот посочи дека очекува над 50 пациенти да имаат потреба од подолгорочен третман. Еден од нив, кој е префрлен на лекување во Литванија, ќе остане таму уште најмалку еден месец за целосна рехабилитација.







