По долги години отсутство, фудбалската легенда Звонимир Бобан и официјално се врати во Динамо Загреб. Симболот на хрватскиот фудбал повторно е дел од својот матичен клуб, откако изгради импресивна кариера како функционер во УЕФА, ХНС и Милан.
Враќањето на Бобан доаѓа во исклучително чувствителен период за клубот од Максимир. Динамо се соочува со резултатска, но и организациска криза, а по години на апсолутна доминација, изгледно е дека оваа сезона нема да ја освои титулата.
Тренерите се менуваат во кратки рокови – последната смена се случи пред помалку од една недела. Во ваков контекст, клубот има потреба од стабилност и визија, а ангажманот на Бобан се гледа како чекор кон воспоставување на нова ера.
Динамо ја потврди информацијата преку својата официјална веб-страница, наведувајќи дека претседателот Велимир Зајец лично стои зад овој важен потег.






