Се заоструваат односите меѓу САД и Мексико: Вашингтон обвинува за „кражба на вода“, Мексико ветува помош.
По обвинувањата од американскиот претседател Доналд Трамп дека Мексико го прекршува договорот за вода и дека наводно ја „краде водата од фармерите во Тексас“, мексиканската страна реагираше со најава за итна испорака на вода.
На прес-конференција во Мексико Сити, мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изјави дека нејзината земја ќе испрати вода на американските земјоделци во Тексас, но не прецизираше количина, посочувајќи дека тоа ќе зависи од достапните резерви.
Шејнбаум истакна дека Мексико активно бара алтернативни решенија за да ги исполни обврските од договорот за вода со САД, кој датира од 1944 година. Таа потсети дека земјата се соочува со сериозна суша која трае веќе три и пол години, што го отежнува исполнувањето на обврските.
Американскиот претседател Трамп претходно на својата мрежа Truth Social објави дека Мексико ѝ должи на американската сојузна држава Тексас 1,6 милијарди кубни метри вода согласно договорот за распределба на вода од 1944 година.
„Мексико ја прекршува својата договорена обврска. Ова е многу неправедно и им нанесува голема штета на земјоделците во јужен Тексас“, напиша Трамп, предупредувајќи дека ќе следуваат „засилени последици“, вклучувајќи нови царини и можни санкции, доколку Мексико не го исполни договорот.
Во наредните денови се очекуваат дипломатски консултации за да се избегне понатамошна ескалација на ситуацијата.






