Стармер: Светскиот поредок каков што го знаевме повеќе не постои
ЛОНДОН – Светот каков што го познававме исчезна, а новата глобална реалност бара прилагодување кон динамични сојузи и флексибилни договори, порача британскиот премиер Кир Стармер во авторски текст за весникот Телеграф.
„Светскиот поредок од изминатите години повеќе не важи – се соочуваме со фундаментални промени“, истакна Стармер, додавајќи дека ништо не смее да се земе здраво за готово.
Против трговски војни, но за стратегиски одговор
Говорејќи за растечките економски тензии и глобални нарушувања, Стармер предупреди дека трговските војни не носат корист за никого, и дека воведувањето царини може да има сериозни последици како за британската, така и за светската економија.
„На протекционизмот мора да се одговори смирено, но цврсто – преку борба за подобри договори“, потенцираше британскиот премиер.
Тој најави забрзување на економските реформи и нови планови за зајакнување на конкурентноста на британската економија, со цел да се намали ранливоста на идни глобални шокови.
И покрај предизвиците, Стармер останува посветен на идејата за слободна и отворена меѓународна трговија, оценувајќи дека тоа е во долгорочен интерес на сите земји.
Трамп воведува нови царини – удар за Украина, но не и за Русија
Апелот на Стармер доаѓа само неколку дена по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да потпише уредба за воведување „реципрочни“ царини на увозот на странска стока. Основната стапка изнесува 10 проценти, но за поголемиот дел од земјите се определени значително повисоки тарифи, зависно од нивниот трговски дефицит со САД.
Забележително е дека новите американски царини не се применуваат на стоката од Русија и Белорусија, додека производите од Украина автоматски се соочуваат со 10% царина. Оваа одлука предизвика остри реакции од Киев и ја отвори дилемата за политичката позадина на американската трговска политика.






