Децата – гордост и иднина на Македонија: Претседателката Сиљановска-Давкова ги пречека дечињата во Кабинетот

Денеска Кабинетот на Претседателот на Република Македонија блескаше во детска радост и музика. Насмеани и распеани, учениците од основните училишта „Мирче Ацев“ од општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ од општина Аеродром, заедно со децата од градинката „Весели Цветови“ од општина Кисела Вода, беа гости на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во нивна придружба, Претседателката со почит ја проследи Церемонијата на свечено менување на државното знаме – симбол што, како што рече, зборува повеќе од илјада зборови и го носи духот на татковината.

„Вие сте нашите сонца, нашите месечини и нашите ѕвезди,“ им порача Сиљановска-Давкова на најмладите, инспирирана од песните кои ги испеаја во чест на Македонија, Скопје и сонцето.
Децата не ја пропуштија можноста да ѝ постават низа љубопитни прашања – од омилената боја и храна, до тоа што значи да се биде претседател. Сиљановска-Давкова со насмевка одговори, споделувајќи дел од својот живот и обврските што ги носи највисоката државна функција.

На средбата се потенцираше важноста на националните симболи и потребата од нивно почитување. „Каде што е знамето – таму е државата,“ истакна Претседателката, подвлекувајќи ја силата на заедничката припадност и иднината која се гради преку љубов и знаење.






