Германија и Велика Британија ветуваат засилена воена поддршка за Украина: Порака до Москва дека борбата продолжува. Следува воена помош во вредност од 21 милијарда евра?
Германија и Велика Британија испратија силна порака до Русија дека Украина ќе продолжи да се брани благодарение на поддршката од западните сојузници.
Двете земји првпат копретседаваа со состанокот на т.н. Рамштајн група, составена од околу 50 држави кои обезбедуваат воена помош за Украина.
Германија најави дека ќе ѝ испорача на Украина одбранбен систем IRIS-T со околу 300 ракети, додека Велика Британија, заедно со Норвешка, ќе финансира радарски системи, противтенковски мини и стотици илјади дронови.
Состанокот се одржа во седиштето на НАТО во Брисел, а САД, кои досега го водеа форматот, привремено го препуштија претседавањето на Британија и Германија. Европските сојузници соопштија дека ќе обезбедат дополнителна воена помош во вредност од 21 милијарда евра.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, истакна дека агресијата на Русија не покажува знаци на повлекување. „Мораме да прифатиме дека мирот во Украина засега е недостижен. Но, ќе се погрижиме Украина и натаму да има корист од нашата заедничка помош“, рече тој.
Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, ја оцени 2025 година како клучна во украинската борба против руската инвазија. „Сега е пресуден момент. Испраќаме порака до Украина: стоиме со вас во оваа борба и ќе останеме со вас и кога ќе дојде мирот“, порача Хили.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, присуствуваше на состанокот преку видеоврска, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така се обрати виртуелно.
Инаку, американската администрација на претседателот Доналд Трамп го смени пристапот кон Рамштајн групата, фокусирајќи се на дипломатски притисок за постигнување прекин на огнот и укинување на изолацијата на Москва. Во моментот, во Русија се наоѓа и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, кој можно е да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Одбранбениот систем IRIS-T, кој Германија ќе го достави, е еден од клучните елементи во украинската противвоздушна одбрана. Системот е способен да пресретне дронови, авиони, хеликоптери и крстосувачки ракети на далечина до 40 километри и висина до 20 километри. Со својата прецизност, веќе одигра значајна улога во заштитата на урбаните средини и инфраструктурата во Украина.






