Британскиот принц Хари денес пристигнал во ненајавена посета на Украина, каде што ја посетил болницата во Лавов која лекува повредени војници.
Војводата од Сасекс ја посетил клиниката „Суперхуманс центар“ во Лавов, која бесплатно обезбедува медицинска помош во областа на протетика, реконструктивна хирургија и психолошка поддршка за ранети војници. За време на посетата, принцот Хари носел јакна со името на неговата фондација „Invictus Games“ и разговарал со повредени украински ветерани.
Принцот Хари се сретнал и со украинската министерката за прашања на ветерани, Наталија Калмикова.
Посетата на принцот Хари во Украина следуваше по неговите два дена поминати во Лондон во рамките на неговата борба за добивање целосна безбедносна заштита, финансирана од даночните обврзници, на Апелациониот суд.
Информацијата за неговата посета на Украина била откриена дури откако тој ја напуштил земјата.
Војводата од Сасекс, кој служел во британската војска 10 години, е вториот член на британското кралско семејство кој ја посетил Украина, откако во 2024 година, во Киев беше во посета и војвотката од Единбург, Софија. Принцот Вилијам, пак, минатиот месец се сретна со украински бегалци за време на неговата двудневна посета на Естонија.






