Пестицидите можат да го заштитат овошјето од инсекти, но ако не го измиете добро, може да доведат до проблеми како повраќање, дијареа и гадење.
Како правилно да го измиете сезонското овошје и зеленчук?
Кога купуваме сезонско овошје и зеленчук, често се прашуваме дали се третирани со хемикалии. Иако купуваме од познати продавачи, секогаш е добра идеја да го измиеме овошјето, бидејќи пестицидите кои се користат можат да предизвикаат стомачни тегоби. За да ја уживате свежата храна од пазарот, еве неколку едноставни совети за правилно миење.
Раствор со сода бикарбона
Еден од најефикасните начини за отстранување на пестициди е потопување на овошјето во раствор од сода бикарбона. Измешајте една лажица сода бикарбона во еден литар вода и оставете го овошјето (како домати, ротквици, јагоди и јаболка) да отстои 10-15 минути. Потоа, исплакнете ги под млаз вода. Ова ќе ги отстрани остатоците од пестициди.
Раствор од вода и оцет
За лиснат зеленчук, како салата, користете раствор од вода и чаша оцет или лимонов сок. Оставете да отстои 15-20 минути, а потоа исплакнете го секој лист под млаз вода. Овој метод е исто така ефективен за младиот кромид.
Направете спреј за миење
Можете да направите и сопствен спреј. Во шише со распрскувач истурете чаша вода и бел алкохолен оцет, а потоа додадете една лажичка сода бикарбона.
Почекајте да реагираат оцетот и сода бикарбоната, затворете го шишето и попрскајте го зеленчукот со овој раствор. По употребата, задолжително исплакнете со ладна вода.
Со овие едноставни совети, можете да уживате во здравата и свежа храна без страв од пестициди.






