Шпанската полиција денеска соопшти дека запленила еден тон кокаин откако разбила банда поврзана со криминалната група „Хелс Енџелс“ (Анѓели на пеколот), која криумчарела наркотици преку пристаништето во Валенсија, на истокот на Шпанија.
Шпанија е една од главните европски влезни точки за кокаин од Латинска Америка, пренесува шпанскиот портал Infobae.com.
Операцијата, која ја предводел Европол, резултирала со апсење на 20 лица, од кои половина се задржани во притвор, стои во соопштението на полицијата.
Во соопштението се додава дека две лица биле уапсени во Белгија, едно во Франција, а останатите во Шпанија. Некои од уапсените биле поврзани со огранокот на бандата „Хелс Енджелс“ во Белгија и претежно биле вклучени во процесот на контрола и преземање на пратки со дрога, соопштува шпанската полиција.
Бандата наводно криумчарела кокаин скриен во контејнери кои од Латинска Америка пристигнувале во пристаништето Валенсија, а до дрогата доаѓале користејќи таканаречени „луѓе пајаци“ кои се качувале на контејнерите, ги обивале користејќи клешта или рачни пили и го извлекувале кокаинот.






