Најмалку 18 лица, меѓу кои девет деца, загинаа во руски ракетен напад врз населен дел од градот Криви Рих во централна Украина, јавуваат украински и странски медиуми.
Локалните власти тврдат дека нападот е еден од најсмртоносните во Украина во 2025 година. Нападот на родниот град на претседателот Зеленски предизвика пожари и оштети на 20 станбени згради и повеќе од 30 возила. Шефот на воената управа на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак, соопшти дека повеќе од 30 лица се хоспитализирани, меѓу нив и тригодишно дете.

Во нападот беа повредени 61 лице, вклучувајќи 12 деца. Четириесет повредени се во болница, а останатите добиваат помош дома. Лисак изјави дека ова е страдање што не би му го посакал на најголемиот непријател.
Претседателот Зеленски го осуди нападот, велејќи дека „сите руски ветувања завршуваат со ракети, беспилотни летала и бомби“. Министерството за одбрана на Русија тврди дека цел бил воен собир на украински команданти и западни инструктори, при што, според нив, 85 лица биле убиени. Украинската армија го негира тоа, нагласувајќи дека ракета погоди станбена зона.
Криви Рих бил нападнат со балистичка ракета „Искандер-М“, која експлодирала во воздух. По нападот следувале напади со дронови, кои ги погодиле цивилните домови, предизвикувајќи четири пожари. Меѓу загинатите е и 56-годишна жена, која била во својот дом кога бил нападнат.

Пожарникарите успеале да ги изгаснат пожарите, а оштетени биле пет згради, извести министерот за внатрешни работи, Игор Клименко.






