Премиерот на Полска, Доналд Туск, денеска најави жестока информативна кампања насочена кон седумте земји од каде што доаѓаат најмногу мигранти, со цел да ги одврати од обидите за илегален влез преку белоруската граница.
„Нашата порака ќе биде едноставна: Полската граница е затворена! Не им верувајте на шверцерите, не му верувајте на Лукашенко, не му верувајте на Путин! Сето тоа се лаги – ова не е патот до Европа!“, изјави Туск, обвинувајќи ги Минск и Москва за организирање на мигрантската криза.
Полска веќе постави пет метри висока ограда со висока технологија за надзор и распореди илјадници војници, полицајци и граничари кои патролираат 24/7. Според официјалните податоци, повеќе од 30.000 мигранти се обиделе илегално да ја преминат границата само во 2024 година.
Иако Туск не откри кои се седумте земји вклучени во кампањата, јасно порача дека Полска нема да дозволи нејзината безбедност да биде доведена во прашање.







