Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царина за извоз од Македонија во износ од 33%. Во списокот што беше претставен од Белата куќа, се наведува дека Македонија ги царини американските производи со 65%. Сепак, не е наведено како администрацијата на Трамп стигнала до бројката од 65% за царината на македонските производи.
Трамп долго најавуваните царини ги воведе со цел да се подобри економскиот развој на САД. Според неговите тврдења, сите земји ќе се соочат со нови царини, а Македонија се наоѓа на ниво со други држави, чиј извоз ќе биде оптоварен со царина од 34%. Во 2024 година, трговската размена помеѓу Македонија и САД изнесуваше 314 милиони долари. Од оваа сума, 118 милиони долари биле извоз од Македонија кон САД, пред се производи како тутун, облека, железо и челик. Од САД, Македонија увезла производи во вредност од 196 милиони долари, главно електрични машини и опрема.
Освен за Македонија, Трамп воведе царини и за други земји. Србија ќе плаќа царина од 37%, Босна и Херцеговина 35%, додека за стоките увезени од Косово и Албанија тарифите ќе бидат 10%.
Европската Унија, исто така, не е поштедена од економската политика на американската администрација. Царината за извоз од ЕУ во САД ќе изнесува 20%.
Трамп ја оправдува оваа економска стратегија како реципрочна мерка, која ќе придонесе за намалување на увозот и зголемување на продажбата на производи „Made in USA“. Многу од неговите поддржувачи веруваат дека царините ќе ги платат странските држави, а не дека тие ќе бидат додадени на цените што ќе ги плаќаат американските потрошувачи.
Многу земји, вклучувајќи ја и ЕУ, веќе најавија реакции и контрамерки во одговор на трговската војна која ја започна САД под водство на Трамп.






