Програмата за опасност од земјотрес на американскиот геолошки институт (УСГС) проценува дека земјотресот бил почувствуван во Хрватска, Босна и Херцеговина, Чешка, Германија, Унгарија, Италија, Црна Гора, Романија, Словачка, Словенија, Србија и Австрија.
Според сеизмолошката служба се очекува да има поголема материјална штета. Градоначалникот Даринко Думбовиќ побара итно да се испрати помош во Петриња.

„Ги извлекуваме луѓето од коли, слушнав дека се урнала една градинка, но за среќа немало деца внатре, додека од друга градинка децата успеаа да се спасат. Општа паника е, луѓето си ги бараат своите, рече Думбовиќ и побара помош од сите особено од војската и пожарникарите.

По земјотресот поголемиот дел од главниот град Загреб, кој е на 45 километри од Петриња остана без струја, а болниците се евакуираат. Сеизмологот Крешимир Кук рече дека потресот меѓу Сисак и Петриња бил со сила од 6,2 степена по Рихтер и дека по ослободената енергија бил 30-на пати појак од оној во март во Загреб.
Владата на денешната седница донесе одлука за финансиска помош од 6 милиони денари за Хрватска, по силниот земјотрес во Петриње, соопшти премиерот Зоран Заев.
Солидарноста е првиот порив во овие моменти и ќе пружиме помош согласно потребите.
До премиерот Андреј Пленковиќ и до сите хрватски граѓани погодени од земјотресот упатувам силна поддршка. Во име на сите граѓани на Македонија изразувам и сочувство за жртвите, напиша Зоран Заев.





