Одделот за физикална терапија при Клиничка болница Штип почна да прима пациенти со тешки повреди од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Раководителот на одделот, Никола Костадинов, изјави дека сите 50 болнички легла се ставени во функција за рехабилитација на потешко повредените пациенти.
„Пациентите се со тешки изгореници, контрактури, фрактури и ампутации. Ќе спроведеме целосна рехабилитација, вклучително и вежби за дишење, кои се од клучно значење за закрепнување на пациентите со изгореници“, изјави Костадинов.
Во процесот на опоравување се користат хидротерапија, електро процедури и кинези терапија, а во третманот се вклучени специјалисти и обучени физиотерапевти. Доколку е потребно, ќе бидат ангажирани и лекари од други болници низ државата.
Штипската болница располага со базен со термална вода од изворот „Кежовица“, кој е меѓу најлековитите во Европа и се користи за третман на пациенти со фрактури.
Костадинов упати апел до пациентите со изгореници да не користат несоодветни мелеми и креми од нестручни лица, бидејќи несоодветниот третман може да доведе до сериозни последици. Тој потсети дека медицинската рехабилитација е регулирана здравствена дејност и мора да ја изведуваат само стручни медицински лица.






