Трагичната приказна на Ивона Антова, 21-годишната планинарка која загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ја потресе јавноста. Ивона беше ќерка на единствената жена пожарникар во Кочани, која со своето присуство и посветеност ја направи разликата во својата заедница.
Стојка, мајката на Ивона е член на Доброволното противпожарно друштво во Кочани, а заедно со својот сопруг Тоше, биле активни во оваа организација.
Силната врска меѓу семејството и пожарникарството беше сведочена и на 16 март, кога членовите на друштвото, вклучувајќи ги Тоше и Стојка, доброволно учествуваа во гасењето на пожарот во Кочани. Иако се соочуваа со големи потешкотии, тие со двe пожарникарски возила и посветеност тргнаа во акцијата.
„Сцените кои ги затекнавме никогаш нема да бидат заборавени. Секој од нас загуби некого близок, а за Тоше и Стојка, најголемата трагедија беше загубата на нивната единствена ќерка, Ивона“, соопштија од Доброволното противпожарно друштво во Кочани. „Изразуваме најдлабоко сочувство за сите жртви и за оние кои се борат за живот“, додадоа тие.
Истовремено, Федерацијата на планинските спортови на Македонија (ФПСМ) изрази сочувство до семејствата на сите жртви од оваа страшна трагедија. Од Федерацијата потврдија дека, покрај другите жртви, и младите планинари Ѓорѓи Величков и Ивона Антова го загубиле животот во пожарот.
Планинарите велат дека Ивона беше личност која зрачела со позитивна енергија и која со својот ведар дух ги инспирирала сите околу себе. Пасијата за планината ја наследила од своите родители, а трагичното заминување на оваа млада девојка остави огромен бол и празнина во срцата на сите кои ја познавале.






