Претседателот на САД, Доналд Трамп, би можел да заврши во затвор ако на следните претседателски избори победи кандидатот од Демократската партија, изјави Стив Бенон, поранешен советник на Трамп, за изданието „Хил“.
Иако Републиканците се уште се во еуфорија од резултатите на ноемвриските избори, Бенон истакна дека всушност партијата е во состојба на војна. Според него, ако демократите победат во 2028 година, Трамп би можел да се соочи со затворска казна.
„Ние се залажуваме ако мислиме дека демократите нема да направат сè што е во нивна моќ за да го сопрат претседателот Трамп, дека нема да ги искористат сите средства потребни за импичмент“, додаде Бенон, кој беше советник за време на првиот претседателски мандат на Трамп.
Тој не наведе конкретни обвиненија поради кои Трамп би можел да биде испратен во затвор. Бенон исто така предупреди дека ако демократите ја вратат контролата врз Претставничкиот дом во 2026 година, ќе се обидат да го отстранат Трамп од функцијата.
За време на мандатот на демократот Џо Бајден, против Трамп беа покренати четири кривични постапки. Тој беше обвинет за вмешаност во настаните во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, за мешање во претседателските избори во 2020 година, за обид за поништување на изборниот пораз во сојузната држава Џорџија, за фалсификување документи поврзани со исплати на порно актерката Сторми Даниелс, како и за незаконско чување доверливи документи.
Потоа, по неговата победа на изборите, против администрацијата на Трамп беа поднесени бројни тужби поради радикалните одлуки, како масовни отпуштања на државни службеници и депортација на мигранти.







