Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска прими делегација на Сојузната здружена команда на НАТО во Неапол, предводена од адмирал Стјуарт Манч, кој со своите колеги престојува во земјава по повод 5 –годишнината од членството на нашата држава во НАТО. На средбата присуствуваше и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, информира кабинетот на претседателката на Македонија.
Истакнувајќи ја својата благодарност за нивното присуство на значаен јубилеј за државата, претседателката Сиљановска – Давкова на средбата истакнала дека од двете стратешки цели за кои постоеше консензус, првата – НАТО е реалност, а не гледа причина и втората – ЕУ да не се оствари.

,,И во овој тежок и тажен период низ којшто поминуваат македонските граѓани, за нас беше многу важно да знаеме дека не сме сами и дека нашите пријатели, меѓу кои и НАТО, и во најтешките моменти се со нас”, порачала Сиљановска Давкова на средбата.

Изразувајќи сочувство за огромната загуба во трагедијата во Кочани, адмиралот Манч рекол дека државата, но и сите други земји коишто помагаат ја препознале важноста од брз одговор на кризата.

Соговорниците се заложиле за понатамошна соработка во рамките на Алијансата при што адмиралот Манч се заблагодарил за македонскиот придонес во бројните мировни мисии, со коишто македонската армија се здобила со заслужен респект.

Претседателката изразила подготвеност македонската Армија и понатаму да биде дел од НАТО мисиите заради придонес во зачувувањето на регионалната, но и глобалната безбедност.

На средбата станало збор и за состојбите на Балканот и обајцата се согласиле дека регионот и понатаму се соочува со бројни безбедносни предизвици, особено врзани за спорот меѓу Косово и Србија, како и состојбата во Република Српска, односно Босна и Херцеговина.

Посочувајќи дека НАТО останува посветен на одржување на безбедноста на регионот, адмиралот Манч, на крајот истакнал дека безбедносните предизвици полесно ќе се надминат ако во нивното решавање заедно учествуваат Алијансата и Европската Унија, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.







