Министерството за внатрешни работи спроведе претрес во домот на Дејан Јованов, познат како Деко, како и во неговиот автомобил „Инсигниа“ и два угостителски објекти – дискотеката „Пулс“ и кафе барот „Класик“.

Претрес беше извршен и во канцеларијата на Државниот пазарен инспекторат во Кочани, поврзан со документацијата за неговите фирми.
Вчера, на распит беа повикани и неговата сопруга и ќерка.

„Во домот на Д.Ј. пронајдени и одземени се лаптоп компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети. Одредени предмети беа одземени и од возилото и од угостителските објекти, како и финансиска документација. Во канцеларијата на ДПИ во Кочани беше пронајден и одземен компјутер, лаптоп и таблет, како и целокупната документација поврзана со правните субјекти во сопственост на Д.Ј.“, соопштија од МВР.

Инаку, кафе барот „Класик“ беше демолиран за време на протестите, еден ден по пожарот во Кочани, во кој загинаа 59 лица, а над 150 беа повредени.







