Истрагата за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ се проширува, а полицијата интензивно работи на расветлување на случајот. Денеска беа извршени претреси во кафе-барот „Класик“ и во Државниот пазарен инспекторат, а на распит се повикани и роднините на сопственикот Дејан Јованов, кој е осомничен за нелегално управување со дискотеката.
Трагедијата што се случи на 16 март однесе 59 животи, а над 200 лица беа повредени. Истрагата опфаќа 34 лица, меѓу кои полицајци и правни субјекти, а премиерот Христијан Мицкоски порача дека обвинителството мора да спроведе неселективна истрага.
Во меѓувреме, првиот пациент лекуван во странство се врати во Македонија во подобрена состојба. Пет пациенти сè уште се борат за живот, а во следните денови се очекува враќање на уште 8 до 10 повредени. За некои од нив, медицинските тимови во странство понудија подолгорочни рехабилитации.






