На денешниот состанок на Управниот одбор на ЗЕЛС, на кој присуствуваа градоначалници од повеќе општини, се дискутираше за вонредните инспекции на објектите од јавен карактер кои беа спроведени во изминатите денови. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека безбедноста на граѓаните е врвен приоритет и дека инспекциите имаат превентивен, а не казнен карактер.

„По извршените контроли во сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали, можеме да потврдиме дека овие објекти се безбедни. Граѓаните можат да бидат спокојни“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека инспекциите ќе продолжат и во наредниот период, а покрај јавните објекти, ќе бидат опфатени и станбени згради и урбана опрема. Голем дел од утврдените неправилности се поврзани со урбаната опрема поставена во минатото, особено кај угостителските објекти. На сопствениците им се дадени рокови за отстранување на недостатоците.

Дополнително, на состанокот е утврдено дека во некои општини недостасуваат инспектори, поради што ќе се работи на меѓуопштинска соработка за да се осигура темелна контрола на сите објекти во државата.

„Во постојана комуникација сме со Владата и премиерот, бидејќи институциите мора да делуваат заеднички за да се обезбеди максимална безбедност и системско решение за овие проблеми“, нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека граѓаните треба да имаат доверба во институциите и локалната самоуправа, која одговорно работи на подобрување на безбедноста во сите сегменти на јавниот живот.
Како дополнителна мерка, ЗЕЛС препорачува општините, училиштата и јавните установи да ги откажат планираните јавни настани или да најдат соодветна замена. Еден од предлозите е засадување дрвја во чест на младите кои трагично ги загубија животите, како симбол на почит и сеќавање.






