Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, издаде наредба за спроведување вонреден инспекциски надзор на територијата на општината, со цел да се гарантира безбедноста и да се подобри животната средина за граѓаните.
Според соопштението од општината, инспекцискиот надзор ќе опфати објекти од јавен интерес, јавни установи со зголемена фреквенција на граѓани, како што се трговските центри, верските објекти, хотелите, угостителските објекти и игротеки за деца.
Целта на овој надзор е да се провери усогласеноста со законските нормативи, вклучувајќи го Законот за градење, Законот за животна средина, Законот за квалитет на воздухот и други подзаконски акти.
Инспекциите ќе траат до 28 март 2025 година, а по нивното завршување, до градоначалникот ќе биде доставен конечен извештај со наодите и евентуалните препораки.
Од општина Тетово порачуваат дека ваквите мерки се преземаат во интерес на сите граѓани, со цел да се обезбеди побезбедна и почиста средина.






