Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, утринава одржа координативен состанок со тимот кој го води истражувањето, при што побара детална и ефикасна истрага за да се расветлат сите аспекти на случајот.
Истрагата за трагичниот пожар во Кочани се проширува со ангажман на вкупно 11 јавни обвинители, кои активно работат на утврдување на причините и можната одговорност за несреќата, информираат од Основното јавно обвинителство.
Според планот на активностите, обвинителството најави распит на повеќе од 300 сведоци, како и изведување на соодветни вештачења од различни области.
„Јавните обвинители преземаат активности за обезбедување докази на терен, а фокусот е на темелно истражување на сите можни правци на одговорност“, соопштија од обвинителството.
Тимот на истражители ќе продолжи со собирање материјални докази во Кочани, со цел да се добие целосна слика за настанот што го потресе целото општество.






