Во сообраќајна несреќа што утрово се случи во центарот на Осиек, повредени се 20 лица, но за среќа никој не е во животна опасност.
Несреќата се случила околу 6:40 часот на крстосницата на Вуковарска улица и улицата Добриша Цесариќ, кога автобус од линијата Тенја – Чепин удрил во задниот дел на автобус што стоел на семафор.
„Во автобусот кој стоел на семафор имало 10 патници, а во автобусот што удрил имало 20 патници. Дваесет лица се пренесени во КБЦ Осиек, но сите се надвор од животна опасност“, изјави градоначалникот на Осиек, Иван Радиќ.
Возачите на двата автобуса не се повредени. Автобусот што удрил во другиот ќе биде подложен на технички преглед, иако според Радиќ, возилото веќе поминало технички во февруари.
Полицијата сè уште врши увид, а официјални информации за бројот и тежината на повредите се очекуваат во текот на денот.






