Компанијата „Еко Логистик Сервис“ (ЕЛС) соопшти дека ќе врши бесплатна достава на донации и помош до болниците каде што се згрижени повредените од трагедијата во Кочани, како и до семејствата и роднините сместени во Скопје.
„Со голема тага и болка ја примивме веста за трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија 59 млади луѓе, а повеќе од 155 се повредени. Во овие тешки моменти, тимот на ЕЛС упатува искрено сочувство до семејствата на настраданите, нивните пријатели и најблиски,“ се вели во соопштението на компанијата.
Од ЕЛС информираат дека сите кои сакаат да испратат облека, хигиенски средства, медицинска опрема или друга неопходна помош можат да ги донесат до најблискиот логистички хаб на компанијата, од каде што тимовите ќе се погрижат пратките веднаш да стигнат до оние на кои им се најпотребни.
„Ова се болни моменти кога сите треба да бидеме заедно и да помагаме,“ порачаа од компанијата.








