Општина Чаир е една од трите општини во државата што го добија максималниот грант од 50.000 долари од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), како дел од проектот „Зајакнување на општинските капацитети за имплементација на проекти – Фаза 2“, поддржан од Владата на Шведска и Бирото за регионален развој.
Иако повеќе општини учествуваа во овој процес, само три успеаја да обезбедат максимално финансирање, како што информираат од Општината.
„Како единствена општина со мнозинско албанско население што го доби овој грант, Општина Чаир, со својот придонес од 395.564 денари, ќе инвестира во подготовка на техничка документација за инсталирање контролни топлотни пумпи за греење во основните училишта на општината. Овој проект има за цел да создаде подобри услови за учениците и да обезбеди одржлива енергетска ефикасност во образовните институции“, изјавуваат од Кабинетот на градоначалникот, Висар Ганиу.
Градоначалникот Ганиу присуствуваше на церемонијата за потпишување на договорите и нагласи дека ова претставува важен чекор за развојот на училишната инфраструктура и за подобрување на енергетската ефикасност во образовните институции.
Општина Чаир останува посветена на реализацијата на проекти и инвестиции кои директно ќе го подобрат животот на граѓаните и благосостојбата на идните генерации.







