Професорката Симона Груевска Маџоска, од Институт за македонски јазик, реагира во врска со презентација на Министерството за образование и Бирото за развој на образованието кои најавуваат дека веќе ќе нема посебен предмет историја туку историските факти ќе се учат како дел од „Општествени науки“.
Професорката Груевска Маџоска, истакнува дека е несфатливо како е можно Историја, Граѓанско образование и Географија да се изучуваат во еден предмет и тоа од прво до деветто одделение.
Скандалозна реформа на основното образование! Комплетно згрешена концепција и експериментирање со учениците! Укинат предметот историја и ставен во групен предмет Општествени науки! Е па „браво”! Што да кажам друго! – реагира Груевска Маџоска.
Министерката за образование и наука Мила Царовска, вчера одржа онлајн состанок со директори и наставници од основните училишта на кој разговараа за новата концепција за основно образование која треба да стартува од идната учебна година.
Основното образование е базата на образованието и затоа промените ги започнуваме токму од овде. Новата концепција ќе значи повеќе време во училиште, помалку предмети, односно спојување на повеќе предмети во еден, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици. За сето ова е потребна максимална посветеност на наставниците коишто низ креативен и инспиративен начин низ наставата и дополнителни активности вон наставата ќе го поттикнат полниот потенцијал кај секое дете – изјави Царовска.







