Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, по рускиот напад врз градот Добропилија во Доњецк, во кој загинаа најмалку 11 лица, изјави дека таквите напади ја потврдуваат непомирливата цел на Русија, и дека е клучно да се зајакне воздушната одбрана на Украина, како и да се засилат санкциите против Москва.
Поврзана вест: Најмалку 14 лица загинаа, а 37 се повредени ноќеска во руски напади во источна Украина и Харков
Зеленски истакна дека сите средства кои му помагаат на рускиот претседател Владимир Путин да ја финансира војната против Украина, мора да бидат блокирани.
На Фејсбук, Зеленски објави дека во нападот се ранети повеќе од 30 лица, вклучително пет деца. Тој додаде дека се оштетени пет станбени згради, една управна зграда и едно противпожарно возило.
Според неговите информации, руските сили испукале две балистички ракети во центарот на Добропилија, а потоа продолжиле со нападот врз спасувачките тимови кои пристигнале на местото на нападот.
Во регионот Доњецк е прогласен ден на жалост за жртвите од рускиот напад врз Добропилија.







