Во руските ракетни напади врз градот Добропилија во источна Украина, кои се случија во текот на ноќта, загинаа најмалку 11 лица, а 37 беа ранети, вклучувајќи пет деца, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи.
Дополнително, три цивили загинаа во напад со беспилотно летало во регионот Харков на североисток, пренесува Министерството.
Тие наведуваат дека руските сили ја напаѓале Добропилија со нејасен број проектили, вклучувајќи балистички ракети и беспилотни летала. Оштетени биле осум катни згради и 30 автомобили.
„За време на гаснењето на пожарот, окупаторите повторно нападнале и оштетиле противпожарно возило“, се наведува во соопштението на Министерството на неговиот канал на Телеграм.
Добропилија, кој имаше предвоено население од околу 28.000 жители, се наоѓа во источниот регион Доњецк, 22 километри северно од главниот град Покровск, кој е цел на руските напади веќе неколку недели.






