Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, оствари средба со припаднички на Армијата, каде што беше истакната потребата од поголема родова рамноправност во вооружените сили.
„Силата на Армијата е во единството, во синергијата меѓу мажите и жените, а родовата рамноправност дополнително ќе го зајакне високиот углед на Армијата“, порача Сиљановска-Давкова.
Таа разговараше со полковник Елизабета Наумовска-Петрески, потполковник Александра Доневска, мајор Анета Куртелова и поручник Бојана Филиповска – жени кои со својата професионалност ги уриваат стереотипите во војската.
Претседателката посочи дека и покрај напредокот, жените сè уште не се доволно застапени на клучните раководни позиции и имаат ограничени можности за едукација.
„Нелогично е досега да нема жена-генерал во македонската Армија. Го охрабрувам началникот на Генералштабот да пронајде креативно решение за жена – генерал“, истакна таа, додавајќи дека жените имаат клучна улога во донесувањето одлуки што ги преобликуваат општествените текови.







