„Некои луѓе заборавиле што се случи со Наполеон“, изјави рускиот претседател Владимир Путин, еден ден по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја нарече Москва закана за Европа и зборуваше за заштита на другите европски земји со францускиот воен арсенал.
Наполеон беше запрен во своето освојување на Русија по влегувањето во Москва во 1812 година, но беше принуден да се повлече поради суровата зима, со големи загуби на животи.
„Сè уште има од оние кои сакаат да се вратат во времето на Наполеон, заборавајќи како тоа заврши“, рече Путин во телевизиско обраќање, без да го спомене директно Макрон.
Путин додаде дека Русија се залага за мир во Украина кој ќе ја обезбеди нејзината долгорочна безбедност и развој.
„Мораме да избереме мировна опција која ќе ни одговара и која ќе обезбеди траен мир за нашата земја“, им порача Путин на жените кои ги изгубија своите блиски во војната во Украина.
„Не ни треба ништо туѓо, но не го даваме ни тоа што е наше“, изјави Путин.
На прашањето од мајка на паднат војник дали Русија ќе се повлече, Путин одговори дека таква намера нема.






