Минатата недела турската групација „Казанџи холдинг“ која оствари средба со владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, најави дека е заинтересирана да изгради когенеративни гасни централи во Македонија, кои покрај производство на електрична енергија, ќе произведуваат и топлинска енергија со која би се загревале домаќинствата во нашата земја. Заедно со централите, се предвидува и изградба на секундарна гасоводна и топлинска мрежа, кон чие приклучување домаќинствата нема да имаат никакви трошоци, а според најавите, турската групација ќе вложи околу милијарда евра во проектите.
Оваа посета беше и можност да направиме интервју со Џемил Казанџи, претседател на одборот на директори и извршен директор на АКСА Енерџи и Казанџи Холдинг, кој вели дека нивната цел е да реализираат проекти кои значајно влијаат на локалната економија, создаваат нови работни места и ја зајакнуваат енергетската сигурност во Македонија.
1. Господине Казанџи, можете ли накратко да ни објасните кои се Казанџи Холдинг и АКСА Групацијата? Што ја прави АКСА специфична во енергетскиот сектор и како се разликува од другите компании на пазарот?
Казанџи Холдинг, основана во 1950-тите, е една од водечките групации во енергетскиот сектор. Компанијата започна со производство на електрични генератори во 1980-тите и го прошири своето портфолио со изградба на електрани и производство на електрична енергија во 1990-тите. Во почетокот на 2000-тите, започна со дистрибуција на природен гас, а во 2010 година се впушти во дистрибуција и продажба на електрична енергија. Оваа вертикално интегрирана бизнис стратегија и уникатен модел ѝ овозможија на Казанџи Холдинг да се издвои на пазарот.
Казанџи Холдинг е глобален играч со производствени капацитети на четири континенти, со повеќе од 17.000 вработени и присуство во 24 земји, реализирајќи продажба во 178 земји ширум светот. Благодарение на своите постигнувања, подружниците на холдингот се меѓу водечките компании во своите сектори.
Во рамките на брендот АКСА, функционираат повеќе компании:
· Aksa Energy гради и управува со електрани во Турција и во странство, и е најголемиот независен производител во земјата, компанија која котира на берза, со повеќе од 3.500 MW инсталиран капацитет и активни електрани на светските енергетски пазари.
· Aksa Natural Gas е најголемата приватна компанија за дистрибуција на природен гас во Турција, со пазарно учество над 40%. Нејзината изградена гасоводна мрежа од 45.000 км обезбедува снабдување со гас за околу 5 милиони потрошувачи.
· Aksa Electricity преку своите дистрибутивни и малопродажни компании обезбедува квалитетна и сигурна електрична енергија за приближно 4 милиони корисници во 9 провинции и 101 област во Турција.
· Aksa Power Generation е лидер на турскиот пазар за електрични генератори и е меѓу најголемите извозници во Турција. Со 19 продажни канцеларии во земјата и 23 канцеларии во странство (Азија, Европа, Африка и Америка), Aksa Power Generation е меѓу топ 5 производители на електрични генератори во светот.
2. АКСА има интерес за три големи инвестиции во Македонија: изградба на когенеративни гасни централи, развој на дистрибутивната мрежа и обезбедување сигурност во снабдувањето со гас. Зошто Македонија е погодна за овие инвестиции?
Македонија е многу атрактивен пазар за инвестиции во енергетиката, особено во области како што се когенеративни гасни електрани, проширување на гасната дистрибутивна мрежа, како и обезбедување на сигурност во испораката на гас. Ова произлегува од неколку стратешки, економски и регулаторни фактори.
Прво, целите за енергетска транзиција на Македонија наметнуваат потреба за сигурни и ефикасни енергетски решенија. Земјата се откажува од зависноста од јаглен, што отвора значителни можности за производство на енергија од природен гас., Когенеративните гасни електрани можат да играат клучна улога во овој процес, нудејќи и електрична и топлинска енергија со висока ефикасност.
Второ, потребата за модернизација и проширување на инфраструктурата ја истакнува дистрибутивната мрежа како клучна област за инвестиции. Добро развиена мрежа за дистрибуција на гас ќе ја зголеми енергетската ефикасност и безбедност, што ќе доведе до намалување на трошоците и емисиите.
Од бизнис перспектива, Македонија нуди стабилна инвестициска средина, со поддршка од владата за енергетските проекти. Регулативите во енергетскиот сектор се усогласени со стандардите на ЕУ, а земјата има и стратешка локација на Балканот. Растечката економија, посветеноста на одржливиот развој, како и плановите за зголемување на употребата на обновливи и почисти извори на енергија ја прават Македонија идеална дестинација за долгорочни енергетски инвестиции на АКСА.
Со сето ова, заедно со нашиот стратешки деловен партнер од Македонија, друштвото за инженеринг Сениор Инженери ДОО Скопје, гледаме значителен потенцијал да придонесеме во енергетската транзиција на земјата.
3. Споменавте енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија. Како гасот се вклопува во оваа транзиција? Дали гледате можност за спроведување на истата во Македонија преку користење на гасот како транзитно гориво?
Како што светот преминува кон обновливи извори на енергија, природниот гас останува клучно транзициско гориво. Тој служи како мост за обезбедување на базна енергија и стабилност на мрежата, додека инфраструктурата за обновлива енергија продолжува да се развива. Неговиот помал јаглероден отпечаток во споредба со јагленот и нафтата го прави поодржлив избор во текот на оваа транзиција.
Во Македонија, природниот гас може да игра клучна улога како транзициско гориво од неколку причини.
Прво, земјата постепено ги укинува електраните на јаглен кои историски биле основа на нејзиниот енергетски систем. Нивното заменување со когенеративни електрани на природен гас може значително да ги намали емисиите, да ја зголеми ефикасноста и да обезбеди сигурна базна енергија, која ќе ги дополнува непостојаните обновливи извори на енергија, како што се сончевата и ветерната енергија.
Второ, природниот гас ја поддржува модернизацијата на енергетската инфраструктура во Македонија. Инвестициите во мрежите за дистрибуција на гас и капацитетите за складирање не само што ќе ја подобрат енергетската сигурност, туку и ќе овозможат интеграција на обновливата енергија, нудејќи резервна енергија во периоди на ниско производство од обновливи извори.
Покрај тоа, стратешката локација на Македонија на Балканот ја поставува во поволна позиција да ги искористи регионалните проекти за интерконекција на гас, вклучувајќи увоз на ЛНГ преку Грција и потенцијалните развојни проекти за гасна инфраструктура. Овие предности ќе ја диверзифицираат енергетската мешавина на земјата, ќе ја намалат зависноста од јаглен и ќе создадат посилен и поотпорен енергетски систем на долг рок.
4. АКСА има значителни инвестиции во Турција, Казахстан и Узбекистан. Можете ли да ни кажете повеќе детали за овие проекти?
ЕЛЕКТРАНИ ВО ТУРЦИЈА
Основана во 1997 година, Aksa Energy е најголемиот јавно независен производител на електрична енергија во Турција.
Со деловни операции во 7 земји, Aksa Energy е глобална енергетска компанија што самостојно ги спроведува сите процедури за изградба на електрани, од развој на проекти до набавка, изградба и инсталација – со своите високо квалификувани технички тимови. До денес, компанијата има изградено и управувано повеќе од 40 електрани кои користат различни извори на енергија, како биогас, природен гас, ветер и хидроелектрична енергија.
Електраните лоцирани во Турција, Турска Република Северен Кипар, Гана, Мали, Конго и Узбекистан, заедно со инвестициите за изградба на нови елекрани во Казахстан, Сенегал, Гана и Узбекистан, ќе резултираат со вкупна инсталирана моќност која ќе надмине 3.500 MW, што се очекува да биде завршено до 2026 година.
Електраната Ali Metin Kazancı Antalya Natural Gas Combined Cycle Power Plant, која започна со производство на електрична енергија во 2008 година со инсталиран капацитет од 900 MW, е една од најголемите електрани на природен гас во Турција. Со комбинирани циклусни производствени групи достигнува ефикасност од 59% и е првата приватно лиценцирана електрана во Турција што достигна 100.000 часа работа.
Термоелектраната Bolu Göynük, првата електрана во Турција со технологија на флуидизирано слоевито согорување и системи за влажно прочистување на издувните гасови, работи со инсталиран капацитет од 270 MW.
Комбинираната циклусна електрана на тешко гориво Kalecik во Северен Кипар започна со производство на електрична енергија во 2003 година. Со инсталиран капацитет од 188 MW, тоа е најефикасната електрана за производство на енергија во регионот. Веќе 20 години, Kalecik Heavy Fuel Oil Power Plant задоволува приближно половина од енергетските потреби на земјата.
Aksa Energy исто така го проширува своето производство на обновлива енергија со проекти со вкупен инсталиран капацитет од 900 MW кои се во фаза пред добивање на лиценца. Овие проекти вклучуваат капацитети за производство на енергија од ветер и сонце, поддржани со батериски системи за складирање, а нивната изградба ќе започне во 2026 година и ќе заврши до крајот на 2028 година.
МЕЃУНАРОДНИ ЕЛЕКТРАНИ
Aksa Energy го направи својот прв чекор кон глобализација во 2015 година.
Со цел да го пренесе својот ефикасен и одржлив пристап на меѓународните пазари, Aksa Energy најпрво го насочи своето внимание кон Африка, по успешно воспоставеното присуство во Турција и Турска Република Северен Кипар.
На африканскиот пазар влеговме со електраните што ги изградивме и пуштивме во употреба во Гана, Мадагаскар и Мали за кратко време. Во тој контекст, како дел од нашите планови за проширување на операциите во Африка, во 2023 година потпишавме договор компанијата за електрична енергија на Гана преку Aksa Energy Company Ghana Limited, подружница на Aksa Enerji Üretim A.Ş., за основање на централата Kumasi која функционира на природен гас со комбиниран циклус и со инсталирана моќност од 350 MW.
NDAR Energies SA, подружница на Aksa Global Investments BV (дел од групацијата Aksa Energy), ќе започне со инвестиции во финансирање, основање, управување и сопственост на електрана со комбиниран циклус на природен гас со инсталирана моќност од 255 MW во Сент Луис, Сенегал.
Во согласност со својата визија за глобализација, Aksa Energy во 2020 година влезе на азискиот пазар со инвестиции во Узбекистан. По “Проектот за електрани во Узбекистан”, кој има вкупен инсталиран капацитет од 790 MW, во ноември 2023 година беше потпишан договор за изградба на нова електрана со комбиниран циклус на природен гас со капацитет од 430 MW во градот Талимарџон. Со ова, вкупниот инсталиран капацитет на Aksa Energy во Узбекистан достигна 1.120 MW.
Дополнително, во тек се подготовките за изградба на електрана во Кизилорда, Казахстан. Aksa Energy планира да пушти во употреба електрана со комбиниран циклус на природен гас, која по завршувањето на изградбата ќе има инсталиран капацитет од 240 MW.
5. Можете ли да ни дадете повеќе информации за операциите на AKSA во дистрибуција на природен гас? Колку гас дистрибуира годишно во Турција, а колку на меѓународните пазари?
Aksa Natural Gas е најголемата приватна компанија за дистрибуција на природен гас во земјата. Истата обезбедува услуги за население од околу 17,4 милиони луѓе и 6,8 милиони потенцијални претплатници. Компанијата безбедно управува со мрежна инфраструктура долга 44.690 км во 27 провинции, 298 области и градови, со 175 канцеларии и со 21 лиценца за дистрибуција. Со додавање на уште два лиценцирани региони преку преземање на постоечката инвестиција од подружниците на Сокар во Турција, вкупното пазарно учество ќе достигне околу 40% во Турција.
6. Кои се долгорочните планови на АКСА во Македонија и пошироко на Балканот? Дали планирате да инвестирате и во други сектори освен во енергетиката?
Акса постојано истражува нови пазари за инвестиции во енергетската инфраструктура, користејќи ја својата експертиза во когенерација, оптимизација на мрежи и енергетска ефикасност со цел да обезбеди одржливи решенија низ целиот регион.
Што се однесува до инвестициите надвор од енергетскиот сектор, диверзифицираниот бизнис модел на АКСА овозможува стратешка експанзија во клучните индустрии како што се земјоделството, инфраструктурата и туризмот – сектори во кои веќе имаме значајно присуство во Турција. Доколку се создадат вистинските можности, ние сме отворени за истражување на нови бизнис можности кои се во согласност со нашите капацитети и долгорочна визија за Балканот.
Нашата цел е да реализираме проекти кои значително влијаат на локалната економија, создаваат нови работни места и ја зајакнуваат енергетската сигурност во Македонија, но и во поширокиот регион.
7. Која е најважната лекција што сте ја научиле во бизнисот?
Една од најважните лекции што ги научив во бизнисот е дека приспособувањето и отпорноста се клучни за долгорочен успех. Бизнис светот постојано се менува, под влијание на пазарните промени, технолошките иновации и неочекуваните предизвици. Тие кои умеат да се адаптираат, да ги предвидат трендовите и да останат флексибилни во своите стратегии, се оние кои постигнуваат успех.
Успехот во бизнисот, без сомнеж, значи создавање на вредности, влијание и придонес за општеството. Лидерите кои се фокусираат на одржливиот раст, етичките практики како и имање на јасна цел, создаваат организации кои траат и напредуваат на долг рок.
8. Кој совет би им го дале на младите што сакаат инвестираат во енергетиката?
За младите професионалци кои сакаат да инвестираат во енергетскиот сектор, мојот клучен совет би бил да останат информирани, да ги разбираат глобалните и регионалните енергетски трендови, да ги прифатат иновациите и да размислуваат долгорочно. Енергетската индустрија минува низ длабока трансформација, водена од технолошкиот напредок, целите за одржливост и динамичните пазарни услови. Оние што ќе можат да се прилагодат на овие промени и да ги препознаат новите можности, ќе бидат во добра положба за постигнување на успех.
9. Македонија е нов пазар за АКСА. Дали сте имале можност да ја посетите земјата до сега ?
Да, имав можност да ја посетам Македонија, и морам да кажам дека беше навистина вредно искуство. Земјата има богато културно наследство и динамична бизнис средина, а истовремено сериозно се посветува на енергетската трансформација, што ја прави привлечен пазар за АКСА. Мојата прва посета беше пред речиси 10 години, додека, а на оваа втора посета забележувам многу значајни промени во развојот на земјата. Урбанизацијата и модернизацијата, кои се спроведуваат со цел да се подобри благосостојбата и среќата на македонските граѓани, се навистина видливи.
Нашето доаѓање тука, ни овозможи да разбереме клучни аспекти за локалната енергетска средина и да се поврземе со клучните засегнати страни.
Иницијативите што ги презеде македонската Влада, под водство на неговата екселенција, премиерот г. Христијан Мицкоски, нѐ поттикнаа да направиме значајна инвестиција во земјата. Ние продолжуваме да работиме на зајакнување на нашето присуство со цел да придонесеме за енергетската трансформација и економскиот раст на Македонија во иднина.
ИВОНА Талевска
Фото: РЕНАТО Димовски






![Историски момент: Егејската бригада во ослободена Битола [ФОТО]](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/08/527738732_1198002392343558_6151663204488702736_n.jpg)