Францускиот претседател Емануел Макрон денес се обрати на јавноста пред утрешниот самит на Европската унија во Брисел.
„Влегуваме во нова ера, руската закана е реална“, порача Макрон, додавајќи дека ако една земја може да го нападне својот сосед во Европа без последици, никој повеќе не може да се чувствува сигурно. Тој ја истакна реалната закана од Русија, која влијае на европските земји и која веќе ги прекршила претходните ветувања и гаранции.
Макрон потврди дека Русија се обидува да се вооружи и да ги зголеми трошоците за одбрана, нагласувајќи дека претседателот Путин ги крши европските граници со цел да ги убие противниците и да манипулира со изборите.
Претседателот на Франција исто така нагласи дека Европа мора да биде подготвена за иднината, бидејќи, како што рече, „САД повеќе нема да бидат со нас“, па треба да се подготвиме за такво сценарио.
Макрон ја повтори својата подготвеност да испрати француски војници во Украина како мировна мисија, доколку се постигне прекин на огнот. Тој ги изрази своите надежи дека САД ќе продолжат да бидат со Европа, но исто така нагласи дека треба да бидеме подготвени и ако не бидат.
Претседателот на Франција потсети дека земјата располага со нуклеарно оружје, ако тоа биде потребно, и нагласи дека Франција треба да продолжи со инвестирање во одбраната. Во таа насока, Макрон најави нови инвестиции во одбранбениот сектор, без да даде конкретни детали за нивната насока.
Макрон се осврна и на изјавата на Фридрих Мерц, кој минатиот месец повика на разговори со Франција и Велика Британија за можноста за проширување на нивниот нуклеарен штит на Германија. Макрон ја потврди важноста на стратешките дискусии за обезбедување заштита на европските сојузници, додавајќи дека во крајна линија, одлуките ќе бидат во рацете на францускиот претседател и воените команданти.






