На Светскиот ден на енергетската ефикасност, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, порача дека одговорното управување со енергијата е клучно за економскиот развој и еколошката одржливост на Македонија.
„Енергетската ефикасност не е само техничка мерка, туку стратешки приоритет. Секој заштеден киловат значи помали сметки, помала зависност од увоз и почиста животна средина. Промената почнува од секој од нас – со едноставни навики можеме да постигнеме голема разлика,“ истакна Божиновска.
Министерството веќе спроведува значајни мерки, вклучувајќи ја Стратегијата за развој на енергетиката до 2040, новиот Закон за енергетска ефикасност, како и формирање Фонд за поддршка на проекти што ќе ја намалат потрошувачката на енергија.
„Нашата цел е јасна – одржлива, енергетски ефикасна и независна Македонија. Тоа е инвестиција во иднината, во подобар живот за сите граѓани,“ порача министерката.
Преку проекти во јавниот сектор, поддршка за домаќинствата и воведување повисоки стандарди, Македонија е на пат кон почиста и поекономична енергетска иднина.







