Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се сретна со претставници на Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија (НОАВМ) и потомци на борците од НОБ, со кои евоцираше спомени за годините од и по ослободителната борба.
„Како ќерка на борец во НОБ, до денес ги паметам бројните приказни за пожртвуваноста на татко ми, кој се закити со три ордени за храброст. Хероите кои ни ја донеле слободата не се измислени – нивните имиња ја раскажуваат историската вистина“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека почитувањето на личностите кои биле дел од антифашистичката борба е знак дека Македонија останува на страната на прогресот. Во тој контекст, таа ја поддржа иницијативата на Сојузот на борци за зачувување на имињата на улиците во Тетово кои носат имиња на национални дејци од антифашистичкото минато.
„Сојузот на борци мора да биде истраен во своите барања. Не смееме да дозволиме да се избришат имињата на оние што се бореле за слобода. Сите имаме одговорност кон историјата и треба да ја оставиме како аманет на идните генерации“, порача претседателката.
Средбата заврши со заедничка согласност дека зачувувањето на историското наследство е клучно за националниот идентитет и за иднината на македонското општество.





