„Ќе има ли бојкот на локалните од ДУИ? – Партиите со став „Ахмети не може да поставува услови за предвремени избори“ – истакнува ТВ 21.
Натаму телевизијата наведува: Партиите не го прифаќаат барањето на ДУИ за одржување предвремени парламентарни избори, избори заедно со локалните во октомври. Од ВРЕДИ повторија дека со ова интегративците прават терен за бојкот на локалните избори, за како што велат, да го избегнат поразот. Од оваа коалиција велат дека Артан Груби командува со ДУИ со далечински управувач од надвор.
„Ова е нивната последна карта, бидејќи знаат дека Албанците веќе не им веруваат. Али Ахмети призна од Липково: ДУИ подготвува бојкот на локалните избори! Ова покажува дека ДУИ нема идеи, ниту програма, ниту нови луѓе – туку има само страв од уценување. Дали Артан Груби е авторот на сценариото за бојкот на локалните избори? – велат од Вреди.
Ниту за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатлив ваквиот повик на ДУИ, велат дека тие не се повеќе чинител, за да повикуваат на предвремени или пак на бојкот. „Насочени сме на локалните избори и на остварување на нашата програма како Влада. ДУИ може да повикува на што сака, меѓутоа не е повеќе чинител во оваа држава, за да повикува на бојкот, или на било што. Имаа можност повеќе од 20 години да сторат многу работи за државата, но не успеаја да ги направат.“ – нагласува пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Бране Петрушевски.
Од СДСМ порачуваат дека треба ДУИ да прифати дека е опозиција и да сфати оти не е во состојба да поставува какви било услови. „Ставот на ДУИ во моментов значи дека мора да се помират конечно оти се опозиција и да дејствуваат како опозициона партија, да изнесуваат свои ставови за клучни прашања и секако кога ќе дојде соодветно време ќе има и парламентарни избори. Во моментот тие не се во состојба да поставуваат какви било какви услови, ниту да го диктираат темпото на политичкото дејствување во државата.“ – вели Сања Лукаревска од СДСМ.
Деновиве Ахмети на средбите со граѓаните повикува на предвремени избори во октомври заедно со локалните и бара ВРЕДИ да ја напушти Владата. Локалните избори се очекува да бидат закажани за првата половина од октомври.






