Жителите на Тетово се соочуваат со рестрикции во снабдувањето со вода, откако ниските температури предизвикаа замрзнување на изворите, соопшти Јавното претпријатие за водовод и канализација „Шар“.
Според претпријатието, проточноста на водата е на едно од најниските нивоа оваа година, што го отежнува нормалното снабдување на домаќинствата. Екипите се на терен и работат во тешки услови за да го отстранат мразот и да ги ослободат изворите.
Како привремена мерка, претпријатието воведува ограничување на снабдувањето, при што вода ќе има само два часа дневно – во време кога верниците го завршуваат дневниот пост (ифтар) и кога се подготвуваат за утринскиот оброк (суфур).
Граѓаните се повикани на разбирање и рационално користење на водата, додека надлежните работат на решавање на проблемот. ЈП „Шар“ најави дека ќе продолжи редовно да ги информира граѓаните за состојбата и понатамошните чекори.







